Штипската онкологија без лекари и можност да препишува посложени терапии
Штипската Клиничка болница бара вработување на дваесетина лекари и медицински персонал.
Откако во август беа вработени 16 лица, директорот Ален Ѓеорѓијев вели дека е доставено ново барање за вработување на уште дваесетина лекари и друг медицински персонал до министерствата за здравство и финансии, а исто така најави и дека следниот период ќе пристигнат повеќе апарати, кои болницата ги набави со сопствени средства.
Но, во меѓувреме онколошкиот оддел во штипската Клиничка болница функционира со само еден лекар. Директорот Ѓеорѓијев посочи дека специјалистот онколог ги прегледува и третира онколошките пациенти од истокот, но дека целосен третман пациентите можат да добијат на одделот во Скопје.
Се вложува во кадар, се вложува и во медицинска апаратура, но најавите за финиширање на градбата на новата Клиника никако да пристигнат. Иако во неколку наврати ресорното министерство и премиерот посочуваа дека новата Клиника во Штип е императив за Владата, бидејќи треба да се стави на сервис и е од витално значење за над 200.000 жители од источниот регион, сепак засега останува последната изјава од Министерот Меџити дека постапката за нов тендер и нов изведувач е во тек, а Болницата ќе се гради со досега невидена динамика.