Штипјани следниот месец ќе добијат кино

Иако студентски град, но и центар на источна Македонија, сепак Штип е град без кино повеќе од две децении.

Долгоочекуваното кино наместо во март, штипјани ќе го добијат следниот месец. Причината е издавањето на дозволата за реконструкција, како и преадаптација на салата, но ако 20 години сме чекале за кино сала, овој месец два во кој се пролонгира почетокот на прикажувањето на кино проекциите не би требало да претставува голем проблем, смета градоначалникот Јорданов.

Надлежноста за киното е на операторот, со кој Општината има склучено договор. Јорданов вели дека од нивна страна е само поддршката и обезбедениот простор во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“.

Инаку, Киното во Штип ќе работи секој ден од понеделник до недела, а планирано е во работните денови да има две до три проекции. Капацитетот на салата во која ќе се прикажуваат филмовите е околу сто места, а во рамки на истото ќе функционира и продажен пулт за влезници, храна и пијалоци.