Штип со денови нема вода

Голем дел од Штип и денес е без вода. Нов дефект на главната линија ги пресуши чешмите.Попладнево цистерни со вода ќе одат низ штипските населби, а ќе се дели и флаширана вода.

Во последниве три дена ова е втор голем дефект на главната линија. Најпогодени се  високите зони, кои практично без вода се неколку дена. Денеска со градежна механизација се правеше дупка за да се дојде до пукната цевка.

Штипјани се лути поради тоа што немаат вода на овие високи температури. Бараат конечно да се реши проблемот.

Проблемите со водата се секојдневие во Штип. Дефекти има речиси секој ден. Освен обвновата на постојната водоводна мрежа спас е и изградбата на Линија 2, што ќе значи крај на проблемите со водата за пиење во високите зони. Овој проект треба да се реализира со парите од ТАВ, за што веќе се преговара со градежната фирма што ќе го реализира проектот.