Шпиунска афера или предизборен маркетинг?

Итна седница на собраниската Комисијата за надзор над Агеницијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање побара денеска власта, по обвинувањата дека во периодот од 2019 до 2024 во АНБ незаконски се следел тогашниот опозициски лидер Мицкоски, новинари, но и фунционери од тогашната власт.

Обвинувајќи го ДУИ за опструкции во комисијата која ја води нивни член, Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ вели дека ова собраниско тело мора да реагира брзо, бидејќи довербата во институциите е сериозно разнишана.

Претседателот на комисијата Скендер Реџепи му возврати дека додека е тој на чело на ова тело, нема да свика седница, оти се уште нема безбедносен сертификат, што го смета за дискриминација.

Поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој од некои медиуми беше посочен како цел на следењето, повика на целосна декласификација на документацијата за прислушувањето. Смета дека има механизми комисијата да се состане и покрај тоа што тоа што нејзиниот претседател нема безбедносен сертификат.

Oд ВМРО-ДПМНЕ и денеска тврдат дека токму СДСМ со години ги користеле службите како партиска алатка. Велат дека нивниот лидер Мицкоски, но и новинари и бизнисмени биле следени за СДСМ да остане на власт.

Од СДСМ возвратија со контраобвинување. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ рециклира стари стратегии и шири афери без докази. Единствено решение, велат, е сите документи да бидат објавени.

Првиот човек на АНБ Бојан Христовски завчера изјави дека наредбите за незаконско следење ги дал еден поранешен директор на агенцијата, за подоцна да се дообјасни дека немало прислушкување, туку само следење. Со демант вчера се јави екс директорот на АНБ Виктор Димовски кој побара јавно отворање на тајните досиеја. Негирајќи дека можат да ги злоупотребат посебните истражни мерки, од Обвинителството вчера соопштија дека е отворен предмет за случајот.