Шолц: Интеграцијата на Западен Балкан е стратешки интерес на ЕУ и Германија

Западен Балкан припаѓа на Европската Унија, порача денеска од Бундестагот германскиот канцелар Олаф Шолц. Не прецизирајки ги државите кои ќе ги посети Шолц кажа дека ќе го посети регионот една недела пред Европскиот Самит во јуни со конкретна порака дека ЕУ има обврска кон земјите од Западен Балкан и ветување за полноправно членство. 

Олаф Шолц германски канцелар - Соработувајќи со земјите од Западен Балкан - не е само прашање на нашиот кредибилитет, туку сега повеќе од било кога, нивната интеграција е од наш стратешки интерес. Не станува збор само за стабилноста на регионот каде што има надворешни сили кои би спроведувале влијанија, тоа е прашање за нашата стабилност која нема да ја имаме доколку немаме стабилен Балкан. 

А евроамбасадорот Дејвид Гир денеска од Скопје не сакаше да го прецизира јуни како рок, но кажа дека мора да се работи на што побрзо стартување на преговорите на Скопје и Тирана со ЕУ. Тој ја прокоментира и изјавата на првиот дипломат на ЕУ Жосеп Борел за притисок за решение меѓу Скопје и Софија, велејки дека сите челници на Унијата ги охрабруваат напорите за да се постигне заедничката цел старт на преговорите.

Дали новиот предлог на Макрон ќе биде замена за евентуален неуспех на проширувањето на ЕУ Гир вели:

- Пристапните процеси за земјите од Западен Балкан остануваат главна движечка сила. Нема промени за процесот на проширување и единствен пат е проширување за Западен Балкан. Тоа е апсолутен приоритет и пат базиран на реформи. Затоа, не гледам дека ова ќе влијае на патот кон полноправно членство во ЕУ.

Европската Комисија веќе го постави јуни како рок за да започнат преговорите со Македонија. Вчера во Европскиот Парламент - Еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс кој го заменуваше еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји порача дека - сега е време ЕУ да испорача и официјално да се отворат преговорите со Македонија и Албанија до крајот на француското претседавање.