Шилегов: Рашомонијадата наречена Дрисла ќе заврши без правни последици за градот
Foto

Шилегов: Рашомонијадата наречена Дрисла ќе заврши без правни последици за градот

Ако Град Скопје планира да раководи со депонијата Дрисла без концесионер, треба да почне со сериозни реформи од корен, од самиот третман на отпадот од домовите на граѓаните, до рециклажа и согорување, потенцираат дел од активистите. Според нив, неизвесноста за сопственоста на Дрисла веќе со години и штети на депонијата, бидејќи од ветуваните амбициозни инвестиции, досега, не се реализирало скоро ништо.

„Ако градот ја земе Дрисла, треба да направи еден поопсежен проект, каде ќе се почне од селекцијата на отпадот, рециклирањето исто така е многу битен фактор, затоа што ако се рециклира тоа што може да се рециклира, веројатно тоа ќе резултира со дупло помалку земја да се покрие, дупло помалце ѓубре да се менаџира воошто.“ - вели Јован Мазгански од еколошко здружение ЕКОСКОП.

После седум години судски спор меѓу претходниот концесионер - Амбиенте и германската Шолц, градот подготвува документација да ја земе Дрисла под своја закрила, бидејќи новоизбраниот партнер, не постои како фирма од 2013-та година. Со одлуката за поништување на постапката за издавање под јавно-приватно партнерство, и тужбите на претходниот концесионер стануваат безпредметни, вели Шилегов и тврди дека нема опција градот да трпи правни последици.

„Се создадоа правни услови да можеме да донесеме одлука за поништување на постапката за избор на приватен концесионер за Дрисла без да има правни последици за Градот Скопје, тоа за прв пат се создаде во текот на осумте години, и би било неодговорно од моја страна и од Градот, таа можност -рашомодијата наречена Дрисла да се заврши без правни последици да не ја искористиме.“ - вели Шилегов.

Правните застапници на Италијанците велат оваа одлука на Градот се уште не ја добиле, па не прецизираат дали ќе продолжат да ја водат правната битка за Дрисла. До каде е судскиот спор и како ќе се развива, нема одговор ниту од Вишиот управен суд. Шилегов пак, е дециден дека град Скопје има капацитет да се носи со предизвикот Дрисла. И тој признава дека треба да се почне од почеток, затоа што не постои ефикасен систем за селекција и третман на отпадот, а со тоа вели, градот губи и до 140 000 евра месечно.

0 Коментари

Остави коментари