Шесто продолжение на конститутивната седница на косовското Собрание
Шестото продолжение на конститутивната седница на косовското Собрание треба да се одржи денеска, но набљудувачите на работата на парламентот не очекуваат резултати и бараат претседателката на Косово Вјоса Османи да биде вклучена во решавањето на ова прашање.
На дневен ред е избор на претседател и пет потпретседатели на парламентот.
Во ситуација кога блокадата беше предизвикана од противењето на кандидатурата на Аљбуљена Хаџиу од Движењето Самоопределување за претседателка на Собранието, Вулнет Бугаќку, истражувач во Косовскиот демократски институт (КДИ), оцени дека претседателката на Косово треба да ги покани лидерите на партиите на консултативен состанок.
„Со оглед на тоа што сме во политички ќорсокак, улогата на претседателката во оваа ситуација може да биде повеќе во функција на гарантирање на демократското функционирање на косовските институции“, изјави Бугачку за РСЕ.
Тој, исто така, рече дека „нема пречка таа да ги покани сите лидери на политичките партии“ и дека, како што истакна, „од таа средба може да се види како да се излезе од оваа политичка криза“.
Истовремено, Самоопределување денеска повтори дека нема да се откажат од предлогот Хаџиу да биде претседателка на собранието, иако таа доби 57 гласа во три круга гласање.
Наим Јакај, истражувач во Косовскиот институт за правда, рече дека на евентуалната средба на претседателката со лидерите на партиите би можеле да се понудат две опции. Прво, да се најде консензуален кандидат, и второ, ова прашање да се адресира до Уставниот суд на Косово.
„Да продолжиме со барањето до претседателката на Косово во два правци: од таа средба да произлезе консензуален кандидат или да се гласа за тој кандидат, а ако тоа не успее, тогаш да продолжиме со барањето до претседателката таа прашањето да го упати до Уставниот суд за да процени што следно треба да се случи“, рече Јакај.
Правната рамка во Косово не прецизира колку пати победничката партија на изборите, во овој случај Самоопределување, има право да предложи кандидат за претседател на собранието, кое се смета за конституирано дури по изборот на претседател и потпретседател на парламентот.