Шест години по „водната бомба“ која одзема 22 животи во Стајковци: Каналите неисчистени, последиците видливи

Се споија небо и земја. Природата дојде по своето. Непошумени терени, бесправна сеча, негрижа за какви, таквите канали, нерегулирани корита. Климатските промени само ја забрзаа катастрофата. Ниту годините ниту летните горештини не се доволни еднаш за секогаш да исчезне стравот во семејството Мусли откако пред шест години едвај спасиле жива глава. Абафир Мусли е благодарен што имал среќа да преживее за да може да раскажува за тој шестоавгустовски катаклизмичен ден.  

Им дале по 500 евра од семејство а тој и тројцата синови морале да подигнат кредити за да можат колку толку да создадат услови да се вратат во своите домови. 

На шестгодишнината од катастрофалните поплави градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски на официјалниот профил на фејсбук напиша дека болката по загубените животи ќе трае засекогаш но и дека кога навидум се беше разурнато се роди новата надеж. 

„Изразувам благодарност до сите оние кои на било каков начин дадоа придонес во справувањето со последиците од поплавата. Жртвите од поплавата како и солидарноста и хуманоста на општините во Македонија но и во светот како и илјадници луѓе кои помогнаа во справување со последиците од поплавата не смееме никогаш да ги заборавиме. Никогаш да не се повтори.“ - Бобан Стефковски градоначалник на Гази Баба.

Никогаш да не се повтори посакува и чичко Ќемал ама стравува дека желбата му е попуста. Вели, политичарите доаѓаат само да ги соберат гласовите ама не и ѓубрето од каналите.  Чистат, сведочи тој, колку да ги земат парите.

Иако е ретка појава сепак ова не е прв пат Скопје да го зафатат поплави од катастрофални размери. Слична на онаа во Стајковци била поплавата од 23 август 1929 година откако по излевањето на реката Серава биле ураните околу 1000 куќи и била направена материјална штета од тогашни 50 милиони динари. Скопје вечно ќе се сеќава и на 16 ноември 1962 година, кога градот настрада од излевањето на реката Вардар од тогаш нерегулираното корито.Жртви немало, но биле поплавени 5.000 куќи и била предизвикана голема материјална штета.