Шест години од Преспанскиот договор: „Северна“ ги бранува и Скопје и Атина

Преспанскиот Договор и по 6 години ја бранува јавноста – дали „Северна“ ќе ги замрзне односите меѓу Скопје и Атина? Со аплаузи и насмевки на 17 јуни 2018та, министрите Димитров и Коѕијас и претставникот на ООН Метју Нимиц, ставија потпис на документот кој го затвори повеќедеценискиот спор за името. Македонија стана Северна и членка на НАТО, но и по 6 години уште чека членство во ЕУ.

На вратата на Мицотакис и Мицкоски, тогашните опозционери во Грција и Македонија кои беа против Преспанскиот Договор, тропнаа неисполнетите обврски од Договорот, а сегашната грчка власт и македонската идна власт ги разгореа старите огнови за името. Дали после 6 години, ќе се отвори повторно стариот спор меѓу Скопје и Атина?

И додека за едни договорот е патриотски чин, за други предавство, едно е сигурно, документот е историски. Сепак, последниците и различните толкувања се чувстуваат и после години од потпишувањето на Преспа. Шефицата на државата Сиљановска Давкова одбива да го користи новото уставно име, а односите со Атина се заострија по нејзината инаугурација во Собранието, кога избегна да го каже ново име.

Таквата пракса продолжи и на сите домашни и меѓународни случувања, кога место уставното име - таа го користи терминот „мојата земја“.

– Во наредниот период ќе сведочиме на повеќе различни гледишта во однос на имплементацијата на договорот, особено за тн. внатрешна употреба на новата додавка. Јасни се и ставовите на претседателката, јасни се и на мандатарот и идниот премиер, што веројатно нема да наиде на одобрување на соседна Грција. И во тој контекст, очекувам дека ќе бидеме сведоци на еден своевиден притисок од страна на соседна Грција, за употреба и во внатрешната формална и неформална употреба, вели Васко Наумовски поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД.

И додека Грција очекува целосно почитување на Преспанскиот Договор, како услов за напредок на земјата кон ЕУ, мандатарот Христијан Мицкоски изјави да престанат заканите и опструкциите за враќање назад во минатото.

Од македонска страна досега се исполнети голем дел од обврските од Договорот - како што се промената на уставното име и Уставот, менување на пасошите, регистарските таблици, менување на имињата на министерствата. Но, остануваат уште обврски коишто треба да се завршат.

Од грчка страна пак останаа нератификувани три меморандуми за соработка потпишани во 2019 година и патните табли кои веќе 6 години стојат непроменети на грчките патишта.

Во меѓувреме поранешните премиери Заев и Ципрас не станаа Нобеловци, а прашањето кое се поставува е дали новите премиери Мицотакис и Мицкоски ќе станат старо-нови противници.