Шест активни пожари низ Македонија
Македонија добива дополнителна помош од два ер-трактори од Кипар за гаснење на пожарите. Авионите, како што соопштија од надлежното кипарско Министерство, се опремени со соодветна опрема за гаснење и употреба на пена, опремени се и со соодветна телекомуникациска опрема за пренос на информации и фотографски материјал.
Двата авиона, со четворица членови на екипажот и пет лица за копнена поддршка, утринава полетале од аеродромот во Пафос кон меѓународниот аеродром во Скопје.
Во меѓувреме МВР активираше и дронови со кои ќе ги ловат подметнувачите на пожари . Со воведувањето на овие оперативни мерки се очекува не само да се подобри раното предупредување и лоцирање на пожарите, туку и да се детектираат можните причини или подметнувачи на пожари.
Во изминатите 24 часа регистрирани се вкупно 41 пожари на отворен простор, а според последните информации од Центарот за управување со кризи, активни се шест пожари, девет се веќе ставени под контрола, а дваесет и шест се изгаснати.
Активни пожари има кај селата тажево, Брезница и Јасен, на Илинска планина, кај селата Папрадиште и Ореше, како и помеѓу селата Градманци и Дивље. Потоа, активен пожар има кај селата местото викано Панаѓур кај одмаралиштата на Пониква, но и кај селата Драчевица и Црвена вода, информираат од Центар за управување со кризи
Полицијата досега поднесе кривични пријави против шест лица кои одговараат за предизвикување на општа опасност или предизвикување на шумски пожар. Македонија повеќе од еден месец се бори со пламените јазици. Пожарите оставија пустош зад себе, пеплосаа неколку региони, уништија илјадници хектари шума, а одзедоа и еден човечки живот. За само еден месец изгорени се повеќе од 400 објекти во источниот дел од земјава. Од неделата отворен е и хуманитарен пункт во Скопје каде граѓаните може да донираат она што е потребно за погодените места од пожарите.