Шеќеринска: Македонскиот народ и јазик се реалност, очекуваме поддршка од Бугарија
Македонија и Бугарија се НАТО сојузници и таквиот начин на комуникација не доликува. Вака министерката за одбрана Шеќеринска ја прокоментира изјавата на бугарскиот вицепремиер Каракачанов дека ќе прати бугарски војници во Македонија за да ги отстранат спомен-плочите на кои Бугарија се нарекува фашистички окупатор.
„Помина времето кога министри за одбрана од нашиот регион кои можеа да даваат такви изјави, а некој да ги смета за сериозни. Бугарија е членка на НАТО и ние сме членка на НАТО и ова не е начин на којшто комуницираат или треба да комуницираат членки на Алијансата. Македонскиот јазик и македонскиот народ се реалност и ниту едни политички преговорите и препукувања, нема да ја сменат таа реалност.“ - изјави Радмила Шеќеринска министер за одбрана.
Македонската Влада, пораките од бугарскиот вицепремиер Каракачанов, ги оцени како недолични и недостојни.
Бугарските стрели кон Македонија, сепак не стивнуваат. За бугарскиот тим од Комисијата историчари, проблем е тоа што македонските деца учат дека прабугарите се номадски народ со монголско - татарско потекло. Иван Илчев од Комисијата за историски прашања, обвинува и дека македонските колеги намерно бавно разговараат за Гоце Делчев.
„Колегите намерно работат бавно за Гоце Делчев - разговаравме за него во последните 20-30 минути од состанокот. Има многу интелектуални македонски научници, но има и такви тотално под влијание на пропагандата. На пример, имаше историчар кој не сакаше да прифати дека Гоце Делчев е од бугарско егзархиско семејство.“ - изјави Иван Илчев од бугарскиот тим на Комисијата за историски прашања.
Академик Луан Старова, како глас на разумот, во изјава за бугарска телевизија, се обиде да објасни дека блокдата за влез во ЕУ, ќе влијае лошо и за двете земји.
„Бугарија како земја со култура и традиција која веќе има одредена улога во ЕУ, не би требало да и пречи на Македонија во започнувањето на преговорите. И сметам, лично дека Меморандумот којшто е поднесен во ЕУ, ќе биде штетен и обесхрабрувачки, за повеќе генерации во Македонија, а лично сметам дека тој ќе и штети и на самата Бугарија.“ - изјави Академик Луан Старова.
Старова порача и дека наместо да се започне нова етапа од заеднички вредности, кои обединуваат, Бугарија и Македонија се закопуваат во минатото.