Шефот на ЦИА, Барнс во косовската влада за средба со премиерот Курти

Шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Барнс, кој допатува вчера во Приштина, претпладнево е забележан на влезот од зградата на косовската влада, каде што се претпоставува дека ќе се сретне со премиерот Албин Курти.

Телевизијата Т7 објави снимка од Барнс, придружуван од американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, како влегува во владата.

Средбата со Курти не е потврдена официјално. Портпаролот на Владата, Перпарим Криезиу не одговорил на прашањата на новинарите дали ќе има средба со косовскиот премиер, кој синоќа се вратил од Чикаго, каде што присуствуваше на конвенцијата на американската Демократска партија.

Барнс вчера во Приштина се сретна со претседателката на Косово, Вјоса Османи, а подоцна ја посети и косовскат Агенција за разузнавање (АКИ) и се сретна со нејзиниот директор, Петрит Ајети.

Посетата на шефот на американската разузнавачка агенција на Косово доаѓа откако тој престојуваше во Босна и Херцеговина и Србија.

Во БиХ, на 20 август, Барнс се сретна со неговите колеги од разузнавачкиот сектор, со членовите на Претседателството на оваа земја и со министерот за надворешни работи на БиХ.

Како што изјави за Радио Слободна Европа претставник на американската влада, кој сакаше да остане анонимен, причината за посетата на шефот на ЦИА на Сараево, меѓу другото, била и поради вознемирувачката сепаратистичка реторика и постапките на прорускиот претседател на ентитетот Република Српска, Милорад Додик и Владата на овој ентитет.

На 21 август тој замина во Белград, но оваа посета не беше ниту потврдена ниту демантирана од официјални лица во Србија и САД.

Посетата на Барнс на регионот доаѓа во време кога американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, изјави дека неговата земја е предизвикана во повеќе аспекти од Владата на Косово, предводена од Албин Курти.

САД и другите земји од меѓународната заедница ги критикуваа некои одлуки и дејствија преземени неодамна од Владата на Курти, кои се сметаат за „еднострани“ и „некоординирани“.

Стејт департментот на САД побара од Владата на Курти да се врати на „конструктивен и близок ангажман“ со Вашингтон, Европската унија и НАТО, додека Вашингтон исто така бара косовските институции да не го отвораат мостот на реката Ибар.