Шефицата Јанева не ги тргна Фетаи и Бубевски од „Титаник 3“
Foto

Шефицата Јанева не ги тргна Фетаи и Бубевски од „Титаник 3“

Нетрпеливоста во СЈО не се одрази во судница. Катица Јанева не ги тргна Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски од предметот „Титаник 3“ во кој е обвинет пратеникот и кординатор на ДУИ - Ејуп Аљими и сопартиецот Исмет Гури. 

Шефицата во оставка одлучи да не ги изземе двајцата колеги иако адвокатите како алиби ја искористија нивната кавга и несогласување по наредбата за претресување и бурната реакција на Фетаи. 

Фетаи по овој став во судница искоментира дека кавгата не е законски основ за да се поднесе барање за изземање. По тензичната атмосфера внатре во СЈО таа првпат се појави во јавноста, но воздржана од коментари за шефицата и случајот „Рекет“. 

Иако најави оставка, Јанева се уште ја има моќта за носење одлуки во СЈО. Нејзината можна инволвираност во аферата „Рекет“ веќе е користена како мотив за одложување и нејзино изземање во постапките во кои поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ кривично се гонети. 

Адвокатите проценуваат дека Собранието може да ги повлече конците за нејзино разрешување. Во таква ситуација обвинетиот Ејуп Аљими ќе има моќ сам да гласа за иднината на обвинението против него. 

Од Советот на јавни обвинители веќе се изјаснија дека не се надлежни да одлучуваат за изземање на Катица Јанева чиј потпис стои зад сите обвиненија на СЈО. Од Собранието кое со амин на 4-те најголеми политички партии ја предложи Јанева за шефица нема најава за ваква расправа. Мандатот на Катица Јанева законски и истекува за неполн месец.

0 Коментари

Остави коментари