Шаќири: На 27 мај ќе се полага државна матура, ДИЦ штрајкот го остави во мирување

ДИЦ го стави во мирување штрајкот. Министерот, Јетон Шаќири со став – матурата ќе се спроведе според календарските датуми. Од Сојузот на средношколци децидни матурата мора да се полага.

Ги поддржувам барањата на ДИЦ, но државната матура ќе се реализира на 27 мај вели министерот, Јетон Шаќири.

Од ДИЦ преку соопштение со порака до матурантите дека насилните мерки и притисоци на министерот Шаќири со обид да внесе надворешни лица во процесот на државната матура - процес кој е со висок степен на тајност, ќе ја доведе во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од матурата. Вработените во Државниот испитен центар, како експерти во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност, одлучија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на иднината на матурантите. Од ДИЦ со порака и до министерот Шаќири.

„Вашите досегашни обиди за решенија на проблемот, а со тоа и ветувањата кои им ги дадовте на матурантите во медиумите се спротивни на одредбите на Правилникот за процедури за тајноста на подготовката, пешатењето, дистрибуцијата, чувањето и оценувањето на испитниот материјал, донесен од министер за образование и наука од 31.3.2014 година. Со Вашиот обид да реализирате матура без вклученост на вработените на ДИЦ, Вие ќе бевте тој што ќе ги оштетеше матурантите!“- велат од ДИЦ.

Од Сојузот на средношколци на став дека матурата мора да се полага. Поранешни вработени во ДИЦ кои го спроведувале полагањето на државна матура во брифинг за ТВ 24 посочуваат дека никој освен вработените во ДИЦ не смеат и не можат да го спроведат полагањето во спротивно ќе се наруши легитимноста, веродостојноста и тајноста на полагањето на државната матура.