Северна Македонија ја претстави инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на COP28
Северна Македонија денеска ја претстави и најави инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција со цел успешна транзиција кон ниско-јаглеродна економија и праведна транзиција на енергетскиот сектор. Платформата претставува пресвртница за земјата која е историски зависна од јаглен и ја истакнува нејзината амбиција да го трансформира својот енергетски сектор и економија во ниско-јаглеродна, со пониски трошоци и обезбедување сигурност во снабдување со електрична енергија.
ЕБОР ја поддржува владата во развојот на платформата и ќе ја води координацијата со меѓународните партнери.
На почетокот на настанот се приклучија претставници на Европската комисија, Климатскиот инвестициски фонд, Светската банка, Меѓународната финансиска корпорација, Европската инвестициска банка, KfW, Банката за развој на Советот на Европа, како и Cassa Depositi e Prestiti - италијанската развојна банка, кои ја потврдија својата поддршка за амбициозните цели на Северна Македонија, имплементација на платформата, како и неколку донаторски и филантропски организации.
На COP28, климатскиот самит во Дубаи, министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши ги презентираше целите на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, како алатка за привлекување на инвестиции и развој на политики што ги здружува владата, меѓународните финансии и приватниот сектор. Целта ќе биде замена на јагленот како енергенс, инсталирање на 1,7 гигавати обновлива енергија до 2030 година, инвестиции во мрежата и складирањето за обезбедување на сигурност во снабдувањето со електрична енергија и праведни преодни мерки за поддршка на заедниците погодени од оваа транзиција.