Северна Кореја претстави нова интерконтинентална ракета на воена парада

Северна Кореја синоќа ја претстави својата нова интерконтинентална балистичка ракета на голема воена парада – прва по две години. Според државната новинска агенција „КЦНА“, ракетата, презентирана пред меѓународни гости, е „најмоќниот нуклеарен стратешки оружен систем“.

Лидерот Ким Џонг-ун во говорот ја повика армијата да се изгради во „непобедлива сила“ која ќе може да ги „уништи сите закани“. Парадата на плоштадот „Ким Ил Сунг“, именуван по дедото на Ким, се одржа по повод 80-годишнината од основањето на Работничката партија на Кореја.

Меѓу присутните беа кинескиот премиер Ли Чијанг, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев и генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам, То Лам.