Сестрата на министерот за правда Никола Тупанчески, обвинителката Наташа Гоџоска, ја повлече својата кандидатура од трката за избор на јавен обвинител
Сестрата на министерот за правда Никола Тупанчески, обвинителката Наташа Гоџоска, ја повлече својата кандидатура од трката за избор на јавен обвинител што ќе ја претставува земјава во Европравда, потврдија од обвинителството за телевизија 24. Гоџоска беше една од вкупно петте кандидати кои се пријавија за оваа позиција.
- Јавниот обвинител Наташа Гоџоска ја повлече својата пријава на интерниот оглас. За позицијата – јавен обвинител за врски со Европравда пријавени се уште четворица јавни обвинители. Јавниот обвинител на РСМ ги разгледува пријавите и ќе донесе одлука кого да предложи зап озицијата. - велат од ОЈО.
Иако Љубомир Јовески е тој кој што ќе избере идеалниот кандидат за оваа позиција, сепак според член 112 од законот за меѓународна соработка во кривичната материја, изборот формално го врши министерот за правда, што значи дека со повлекувањето на Гоџоска е избегната ситуација во која Тупанчески ќе требаше формално да ја постави својата сестра на оваа позиција, доколку претходно Јовески ја избереше токму неа.
Со повлекувањето на Гоџоска, остануваат уште четворица пријавени кандидати за позицијата обвинител за врски од Македонија со Европравда и тоа – Ленче Ристовска јавен обвинител во ОЈО Скопје, Ивана Трајчева, јавен обвинител во ОЈО ГОКК, Дејан Петрески, јавен обвинител во ОЈО Скопје и Александар Маркоски, исто така јавен обвинител во ОЈО Скопје.