Сестрата на Бектеши си го заслужила работното место и затоа тој ќе размислел за оставка
Министерот за економија Крешник Бектеши ќе размисли дали ќе си дада оставка ако Антикорупциска утврди дека има судир на интереси при вработувањето на неговата сестра во МЕПСО. Само знае дека нема да побара од сестра си да се повлече од работното место - оти таа го заслужила. Директорот пак на ЕЛЕМ Драган Миновски вели - ќе понесат одговорност и тој лично, како и синот на пратеничката Мира Стојчевска, Виктор, доколку Антикорупциска одлучи дека има неправилности при неговото вработување. Но не прецизираше каква одговорност.
„Во моментот кога антикорупциска ќе излезе со податоци во јавност на начинот како е вработена мојата сестра тогаш ќе ви одговорам и детално дали ќе има морална одговорност, дали ќе се повлечам од функцијата, дали јас би барам од мојата сестра да се повлече иако во моментот јас сум кажал во други наврати дека јас не би побарал да се повлечи од работното место имајќи во предвид дека јас мислам дека ни сум влијаел, мислам дека заслужено му е местото таку каде што конкурирала согласно барањата на јавниот конкурс.“ - вели Бектеши.
„Доколку се утрдат билокакви нерегуларности во однос на изборот, да ќе сносат одговорност сите вклучувајќи ме и мене и господинот Виктор Стојчевски“ - изјави Миновски.
Миновски не ја дава на увид на јавноста систематизацијата на работните места во ЕЛЕМ- вели таа била интерен акт, иако според закон таа е јавен документ.
„Систематизацијата не е акт кој може да се спорели со јавноста и не е акт од јавен карактер на компанијата. Така е одлучено со одлуки на Управниот Одбор“ - вели Миновски.
Токму систематизацијата треба да го даде одговорот дали синот на пратеничката Стојчевска е незаконски вработен во ЕЛЕМ. Според неофицијалните информации тој имал работно искуство од 19 месеци, а за работното место на кое работи сега, според систематизацијата е потребно искуство од 24 месеци.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денес пак обвини дека власта го претворила ЕЛЕМ во фирма за згрижување на децата на функционерите на власта. Потсети дека синот на пратеничката Стојчевска, но и роднините на другите функционери уште се на работа, иако премерот Заев најави дека ќе си дадат оставки. Од Антикорупциска пак велат уште работат на предметите. Ги имаат сите документи - одлуките ќе ги соопштат наредната недела.