Сервер за новиот анекс договор Белград - Приштина
Два големи недостатока има анексот за спроведување на договорот помеѓу Белград и Приштина од Охрид, смета Даниел Сервер, професор на Универзитетот Џонс Хопкинс од Вашингтон и добар познавач на балканските прилики. Првиот е тоа што „се фокусира на процесот, а не на суштината“, а вториот е „повторното одбивање на Србија да го потпише анексот“.
- Тие повеќе ја обврзуваат ЕУ отколку Србија и Косово. Уште повеќе, обврската не се однесува на признавање на суверенитетот и и територијалниот интегритет на Косово, затоа што договорот за нормализација не е во оваа референтна точка“. вели Даниел Сервер, Професор на Универзитетот Џонс Хопкинс од Вашингтон.
Сервер додава дека српскиот претседател Александар Вучиќ не ја потпишал спогодбата во Охрид затоа што „се плаши од реакциите во Србија“, додека Американците и ЕУ извршиле голем притисок врз косовскиот премиер Курти, а го наградиле Вучиќ. Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон вели дека сега се ќе зависи главно од мудроста, разумноста и искрените намери на лидерите.
- Сега зависи, се разбира, каква ќе биде апликацијата, кога станува збор за формирање на Заедницата на српски општини и некаква нормализација на односите. Можам да кажам дека на почетокот имаше поамбициозни очекувања од сите страни, но сега има некаква основа, важно ќе биде спроведувањето. - изјави Тања Фајон, министерка за надворешни работи на Словенија.
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен преку соопштение го поздрави напредокот што Косово и Србија го постигнаа со посредство на Вропската Унија, и им честита на српскиот претседател, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти за нивното лидерство во постигнувањето на согласност за имплементација на Договорот.