Сертификати на првиот човек на АНБ: Премиерот Мицкоски го чека мислењето на ДКСК, СДСМ бара јавна собраниска седница

Премиерот Мицкоски ќе ја чека Анктикорупциската комисија да се изјасни за валидиноста на документите на првиот човек на Агенцијата за национална безбедност. Мицкоски тврди дека директорот Христовски поседува сертифат државна тајна, а за другите наводи ќе ја чека одлуката на антикорупционерите.  

„Христовски има сертификат државна тајна, а од владата ќе ја чека одлуката на Антикорупциската комисија.“ - рече Мицкоски.

Опозициската СДСМ пак денеска поднесе иницијатива до Комисијата за надзор над работата на АНБ да свика јавна седница на која ќе присуствува и директорот Христовски за да реферира за валидноста на неговиот сертификат по англиски јазик.

„Имаме прашања кои се од значење за интересот на државата и во интерес на јавноста и кои сакаме јавно да ги поставиме и да добиеме одговори. Едно од тие прашања е добиено од свиркачи, вработени во безбедносно-разузнавачката заедница – каде бил Христовски на денот на полагањето, каде престојувал ден или неколку дена пред датумот на полагањето на ТОЕФЛ-тестот, но и многу други поврзани со неговите сегашни активности во Агенцијата, како на пример - што тој знае за скандалозните помилувања. Ова се прашања од јавен интерес и јавноста има право да ја знае вистината.“ - Славјанка Петровска пратеничка на СДСМ.

Директорот Христовски за ТВ24 вели дека е отворен за соработка со сите надлежни контролни органи.

„Ќе соработувам со секој орган за кој тоа го налага законот.“ - Бојан Христовски. 

Од Антикорупциската комисија нема информации до каде е постапката и дали наскоро ќе има епилог. Ако Антикорупциска не ја заврши нејзината постапка во разумен рок, без да се посочи временска рамка, обвинителството најавува дека ќе оформи предмет.

- До овој момент, од таа постапка до обвинителството не е доставена иницијатива за кривично гонење. Во меѓувреме, не е доставена ниту кривична пријава од истражните органи надлежни за откривање на кривични дела. Доколку оваа постапка на ДКСК не биде завршена во разумен рок, обвинителството ќе оформи предмет и ќе ги провери наводите. - Обвинителство.

Вакви постапки за веродостојноста на сертификати по англиски јазик се воделе и претходно во антикорупциската комисија за директори, при што забелешката на членовите била дека кога се работи за сертификати од странство, нема јасен систем на контрола, надзор и верификација на веродостојноста на сертификатите стекнати во други земји.

Бојан Христовски ја презеде функцијата на 16 октомври. Сомнежите за неговата диплома по англиски јазик доаѓаат откако бугарски портал објави дека пријавениот ТОЕФЛ сертификат е од училиште за странски јазици кое немало овластувања за такви тестирања и го немало на пријавената адреса во Пловдив. Христовски од друга страна пак, во неколку наврати изјави дека во целост ги исполнува сите законски услови за именување на позицијата и дека има речиси дведецениско искуство во безбедносниот сектор.