Сериозни дилеми за цената и исплатливоста на проектот на брзата железница што ќе ги поврзе Скопје, Солун и Белград
Милијарди евра кредити за железници и автопати, а без одговор на најважното прашање – дали тие навистина ќе се исплатат. Професорот Дејан Трајковски од Битолскиот универзитет предупредува дека Македонија носи политички одлуки за мегапроекти пред воопшто да утврди дали има економска логика да ги гради. Според него, брзата пруга на Коридорот 10 е пример за проект кој може да го зголеми јавниот долг, а притоа да не донесе доволно приходи за да се отплати.
Дејан Трајковски – универзитетски професор
Македонија влегува во проект што ќе се финансира речиси целосно со кредити, додека соседните земји своите железнички коридори ги градат со значителна поддршка од европските фондови предупредува Трајковски. Тоа ќе претставува сериозен товар за јавните финансии, особено ако се земе предвид дека Европската Унија веќе развива алтернативен железнички коридор преку Грција, Бугарија и Романија, кој целосно ќе се движи низ земји членки на Унијата.
Дејан Трајковски – универзитетски професор
Во меѓувреме, денеска во Солун министрите од регионот разговараа токму за развојот на Коридорот 10. Министерот за транспорт Александар Николоски порача дека сите држави низ кои минува коридорот остануваат посветени на неговата изградба и дека тој има потенцијал да стане еден од најзначајните транспортни правци во Европа. Според професорот Трајковски, државата треба да се насочи кон инвестиции кои носат директен економски поврат, пред сè во енергетиката, наместо кон инфраструктурни проекти кои, како што вели, тешко ќе ги оправдаат вложените пари. И професорот по економија Ванчо Узунов вчера оцени дека инфраструктурните проекти како железници и автопати сами по себе не создаваат профит и не носат директен поврат на инвестицијата, поради што државата паралелно мора да вложува и во сектори што генерираат нова вредност, приходи и економски раст.

