Септемвриската пензија ќе биде зголемена за 2.500 денари, пензионерите повторно на протести со нови барања

Измените во Законот за пензиите поминаа на Влада и септемврската пензија ќе биде зголемена за 2.500 денари, односно за девет месеци пензионерите ќе ги добијат ветените 5.000 денари, изјави денес премиерот Мицкоски.

Пензионерите се излажани, Мицкоски сам потврди дека тие нема да добијат плус 5.000 денари, туку два пати по 2.500 денари, реагираа од опозициската СДСМ.

- ВМРО-ДПМНЕ најавуваше зголемување на пензиите за 5.000 денари, а сега велат дека нема да биде 5.000 денари туку на рати по 2.500 денари и тоа во септември и во март кога секако се зголемуваат пензиите заради усогласувањето. Значи пензионерите би имале секако покачување според методологијата за усогласување во септември и во март наредна година, а ВМРО-ДПМНЕ на тоа додаваат околу 1.000 денари, ништо повеќе. Дополнително рушењето на системот на усогласување на пензиите со просечната плата, односно со само линеарен раст, има ризик владата во иднина воопшто да не ги зголемува пензиите. - велат од СДСМ.

А додека власта и опозицијата меѓусебно се препукуваат, пензионерите пак се подготвуваат за нов протест. Комплетна промена на целото раководство и оставка на актуелната претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери, ова се дел од новите барања кои ќе ги произнесат и на трети септември во Скопје.

Пензионерите тврдат дека поседуваат докази со кои постои сомнеж за незаконско работење во Здруженијата и затоа поднеле Барање за покренување истрага за финансиското работење до државните органи. 

Инаку, во изминатиот период пензионерите ширум државата речиси секојдневно преку блокади и протести го искажуваа своето незадоволство и револтот од ниските пензии.