СЕММ: Од властите е потребна поддршка за слободата на медиумите, од професијата – одговорност
Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по повод 3 мај - Светскиот ден на слободата на медиумите, соопшти дека од власта и институциите очекува да покажат сериозна одговорност и посветеност во поддршката на медиумските права и слободи, во насока на креирање поволен амбиент за медиумите во кој што тие ќе дејствуваат без какви било ограничувања и препреки.
Според Советот, креирањето демократски амбиент за медиумите подразбира системски чекори и координација, со целосно разбирање и адресирање на причините и факторите коишто досега влијаеле врз слободата на медиумите, бидејќи политички независните медиуми се неизоставен дел од битката за промоција на демократски вредности и стандарди на квалитетно новинарство.
Советот нагласува дека пандемијата уште еднаш ги потврди предизвиците пред кои се исправени медиумите во државата, почнувајќи од недоволната безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници, па до ограничувачките услови за работа на редакциите.
Во соопштението се додава дека и во изминатиот период статистиката на СЕММ го потврдува присуството на случаи на неетичко информирање, при што речиси 40 проценти од пријавените случаи во изминатата година се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот.
Советот воедно ја информира јавноста дека од неодамна почна да функционира и базата на податоци на СЕММ подготвена со поддршка од Мисија на ОБСЕ во Скопје, која овозможува пребарување на неговите одлуки за поединечни медиуми, статистика за најчестите нарушувања на Кодексот, типот на жалители, случаите решени со медијација, итн.