Семејството на Фросина Кулакова: „Ова не е прогон на вештерки“
Додека Апелација одлучува по поднесените жалби за висината на казната на Васил Јованов кој ја прегази Фросина Кулакова-Обвинителството бара повисока затворска казна, а одбраната пониска.
Денеска семејството Кулакови реагираше и посочија дека правдата не смее да биде селективна. Посочија и на вчерашните изјави на адвокатот на Васил Јованов, Сашко Дуковски, според нив со изјавите се навредува нивното семејство и ја понижува жртвата.
Росица Кулакова-сестра на Фросина
„Судската пракса на која Дуковски се повикува е истата таа што ја урна довербата на граѓаните во судството на нула. Затоа денес никој не верува дека правдата постои. Затоа убијците слободно си шетаат и си возат низ град, додека невини жртви гнијат под земја. Ова не е прогон на вештерки, ова е барање правда! Во целата таа агонија имаше една светла точка: Фатиме Фетаи. Нејзиното излагање беше доказ дека сè уште има луѓе во системот што го чувствуваат пулсот на правдата.“
Вчера на јавната седница во Апелација, Васил Јованов изрази жалење и каење и се извини на семејството Кулакови. Неговиот адвокат, Сашко Дуковски кажа дека 12 години казна затвор е голема казна, споредбено со досегашните кривични дела од овој тип. Според Дуковски станува збор за „лов на вештерки“.
Фросина Кулакова, годинава на 29 јануари беше прегазена преминувајќи на пешачки премин на „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала. Според Обвинителството Васил Јованов која ја прегазил, бил под дејство на алкохол, без возачка дозвола и поминал на црвено светло.

