Семејство Матилоски: Случајот со Димитар беше премногу развлечен

Разрешувањето на судијката Весна Кичеец, ги отвори старите рани на семејството Матилоски кои четири години неуморно ја бараат правдата низ судските лавиринти за убиството на нивниот син и брат Димитар кој беше претепан до смрт на новогодишната ноќ 2016 та година во центарот на Охрид од српскиот турист Бојан Угреновиќ.

Сестрата на Димитар, Цветанка вели, случајот со мојот брат од почеток беше премногу развлечен.Таа прашува и зошто се уште не е распишана меѓународна потерница по убиецот кој и понатаму е на слобода!?

Поради тоа што ја развлекла постапката до истек на законскиот максимум за притвор и практично го пушти српскиот државјанин да се брани од слобода по што тој избега од државава, Судскиот совет вчера донесе одлука за разрешување на судијката.

Судијката Кичеец пак во телефонски разговор за тв 24 рече дека е длабоко вознемирена поради разрешувањето и најави жалба до Врховниот суд.

„Навистина не знам каде е мојата вина, ценете сами, меѓутоа тоа е што е, мора да се прифати. Првата моја одлука за Угреновиќ е донесена само по месец и половина од добивање во работа на предметот по признание на вина и му беше изречена казна од 16 години.За Апелација Битола казната беше висока, ја укинаа пресудата и покрај тоа што остануваа уште помалку од 4 месеци до максималниот рок за притвор.Повторно ја донесов истата одлука, Апелација ја преиначи на 8 години, Врховен ја преиначи нивната и повторно изрече 16 години. Секако дека ќе се жалам,искрено не можам да поверувам во информацијата.’’ - изјави за тв 24 судијката Кичеец.

Инаку 27 годишниот Димитар Матилоски беше убиен на новогодишната ноќ во 2016 та година пред кафе бар во центарот на Охрид.З а убиството се гони српскиот државјанин Бојан Угреновиќ од Краљево кој тогаш бил турист во Охрид и до смрт го претепал Матилоски.Во меѓувреме, Угреновиќ избега од Македонија.