Семејствата на загинатите од модуларната болница гневни, ќе се жалат на пресудата

Еден ден по пресудата за пожарот во модуларната болница, дел од семејствата на трагично загинатите веќе најавија дека ќе ја обжалат пресудата. Мумин Исмаили, кој во пожарот на 8 септември 2021 година ја загуби својата мајка, за ТВ24 вели оти не е задоволен од условните затворски казни кои ги добија поранешните директори во тетовската болница, а правдата ќе продолжи да ја бара по судските лавиринти.

Во тетовскиот суд вчера беше изречена пресудата за пожарот во модуларната болница во Тетово, а согласно која докторот Бобан Вучевски беше ослободен од обвинение, додека условна казна затвор од година и шест месеци добија поранешните директори на болницата Флорин Бесими и Артан Етеми, а клиничката болница Тетово како правно лице ќе треба да плати отштета од еден милион денари. Судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово започна во декември минатата година.