Семејната фирма на Мукоски ќе ги одржува зградите што ги гради државата за двојно повисоки цени од пазарните
Семејната фирма на пратеникот Крсто Мукоски „Атриум“ од Вевчани ќе фарба државни ѕидови, ќе менува буков паркет, ќе го лакира и струга, по двојно повисоки цени од пазарните. ТВ 24 дојде до дел од цените од најновиот тендер кој фирмата на Мукоски го доби од Државното станбено претпријатие пред една недела тежок околу 700.000 евра. Претходнит тендери од ова претпријатие кое ги доби семејствотво Мукоски веќе една година ги истражува финасиската полиција. Од државното станбено претпријатие велат дека добиле пониски цени од претходниот тендер кој е под истрага.
„Во претходниот тендер за кој се водат предистражни постапки, за стругање и лакирање на паркет цената била 2.312 денари по квадрат, а сега е 1.334 денари. За молерисување на ѕидови со тон порано цената била 219 денари, а сега е 123 денари за квадрат. А за менување на буков паркет фирмата наплатувала по 4.394 денари, а со овој тендер е постигната цена од 2.565 денари“- велат за ТВ 24 од Ад за стопанисување со станбен и деловен простор.
ТВ 24 контактираше по неколку занаетчиски фирми. Просечна цена за фарбање ѕидови со тон не е ни едно евро по квадрат со нивна боја, а фирмата на Мукоски ќе фарба за две евра по квадрат. За лакирање и стругање пак на паркет добивме цени од максимум 10 евра, а најдовме и за 6,5 евра со нивни материјал, додека „Атриум“ тоа ќе го работи за 22 евра по квадрат. А пак менување буков паркет прва класа со нивна набавка е максимални 30-35 евра за квадрат, но мајсторлукот на вевчанската фирма на пратеникот Мукоски ќе го платиме по речиси 42 евра за квадрат.
Од АД за стопанискување со станбен и деловен простор велат се е законски. И изборот на фирмата, бидејќи немало негативна референца за неа кога ја избрале, како и сумите.
„Според критериумите во тендерската документација и огласот за јавна набавка понуди поднесоа 4 економски оператори.На евалуацијата беше утврдено дека прифатливи понуди имаат дајца понудувачи кои беа поканети да учествуваат на електронска аукција. Со оглед дека критериум за доделување на договор за јавна набавка е најниска цена , по спроведената електронска аукција најниската понудена цена беше од фирмата Атриум.“- велат од Државното станбено претпријатие.
ТВ 24 се јави на и братот на Крсто Мукоски, Бобан Мукоски кој е сопственик на „Атриум“, но тој не сакаше да ги коментира тендерите. Генералниот секретаријат на Владата пред една година побара истрага за штетните договори на ПУИК со Атриум тешки неколку милиони евра, поради сомнеж дека за дел непотреби работи биле користени дампинг цени, а за другите услуги - цени кои се неколку пати повисоки од пазарните. И додека институциите работат како што велат според законските прописи, јавноста е шокирана дека семејната фирма на пратеникот Мукоски, за пет месеци добила пет државни тендери вредни 1 милион евра. Како што објавивме, Атриум има тендери со министерство за образование за реконструкција на училишта, енергетско ефикасни училишни фасади за Град Скопје, а градела и прифатилишта за бездомни кучиња за Гевгелија и Струмица - тендер вреден околу 116.000 евра. Пратеникот на сега независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, кој гласаше за отворање на Уставот е еден од обвинетите за насилствата во Собранието на 27 април лани.