„Сејф сити“ во повеќе градови во државата, по пробниот период со опомени – ќе се адресираат казни

Поминете ли на црвено, возите ли побрзо од дозволеното – ќе бидете казнети без да ве сопре полиција. До крајот на годинава надзорните камери на патиштата, кои се дел од сејф сити системот ќе почнат да откриваат прекршоци во реално време. Први на удар ќе бидат сообраќајните прекршители во Скопје, Куманово и Тетово, а подоцна системот ќе фукционира во цела држава. На почетокот само ќе се предупредува. Комуникацијата меѓу полицијата и прекршителите ќе се одвива преку телефон и онлајн, објаснува министерот Панче Тошковски, кој соопшти дека измените на законот веќе стапиле на сила.

Извори кои работеле на неа и добро ја познаваат оваа проблематика, а со кои ТВ24 контактираше, коментираат дека кога почнал да се работи овој систем, воопшто не било предвидено собирање имејл адреси од граѓаните. 

„Кога се подготвуваше системот, беше предвидено граѓаните да ги добиваат казните по пошта, но и на апликација инсталирана на паметен уред. Апликацијата најмногу е за странци, кои поминуваат низ земјава и доколку ја имаат апликацијата, веднаш ќе бидат известени дека сториле прекршок, кој на граница може да им биде наплатен. Имејл адресите се лични податоци, кои лесно можат да бидат злоупотребени, затоа не беа предвидени во фунционирање на системот. На пример, Агенцијата за национална безбедност поседува малициозен софтвер за следење на комуникациите, на кој му се потребни имејл адреси, така што, собирањето вакви лични податоци е, во најмала рака симптоматично.“

Министерот Тошковски уверува дека со овој систем, приватноста на граѓаните нема да биде нарушена.

Системот ќе фунционира и преку апликација. Граѓаните кои ќе ја имаат инсалирано на својот паметен уред, ќе можат веднаш да добијат информација дека сториле прекршок и се казнети. Ќе се казнува сопственикот на возилото, но во разумен рок ако се утврди дека возел некој друг, според призние кое ќе се совпадне со доказите од снимката, казната ќе му биде врачена на оној, кој го направил прекршокот. Граѓаните кои имаат адреса во земјава, казната ќе ја добијат и по пошта.