„Сејф Сити“ „преживеа“ на Уставен суд – отфрлени сите три иницијативи за оспорување на уставноста

Уставниот суд ги отфрли иницијативите со кои се оспоруваше уставноста на законските измени за системот „Safe City“. Тоа значи дека безбеден град останува на сила.Судиите иако со поделени ставови одлучија дека измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата не се во спротивност со Уставот. Се офрлија иницијативите кои ја проблематизираа заштитата на личните податоци и приватноста, употребата на Законот за јазиците,како и забелешките за  нерамномерната поставеност на системот  со образложение дека законското решение е во рамките на јавниот интерес за поголема безбедност.Судијката Ана Павлова Данева рече дека не треба да се поведе постапка ниту за една од иницијативите бидејќи нема неуставност во законските измени а во начелото на законот за прекршоци стои дека се применува законот за јазиците.Сличен став сподели и претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски кој нагласи дека не се ускратуваат правата за употреба на јазиците а системот иако со некои слабости веќе ги дава првичните позитивни резултати. Според дел од судиите пак иницијативите биле издржани.

Во меѓувреме се јавуваат првите проблеми и злоупотреби со системот безбеден град низ внтарешноста на земјава.Од СВР Охрид информираат дека лажни пораки наводно испратени од МВР за сообраќајни прекршоци стигнуваат до граѓанитe и апелираат  да не се наседнува на овие измами и да не се отвораат линковите за наплата.

,,Пристигнуваат пријави од граѓани за добиени СМС пораки на нивните мобилни телефони, наводно испратени од Одделението за моторни возила при МВР со известување за безбеден град дека нивното патничко моторно возило било евидентирано за сообраќаен прекршок.Притоа, се даваат насоки на која електронска адреса можело да се видат деталите за наводниот прекршок и се повикуваат граѓаните, ако ја плателе казната во рок од осум дена, истата ќе била намалена за 50 проценти.Станува збор за лажни пораки кои се класичен обид за измама со цел противправно стекнување парични средства."

Системот Сејф сити е во функција од 1 февруари, откако беа донесени измени на Законот за прекршоци. За почеток е воведен во Скопје, Куманово и Тетово, како и долж Коридорите 8 и 10.

Најавено е дека во следната фаза ќе бидат опфатени градовите Охрид, Струга и Битола, додека Штип работи на поставување на сопствени камери низ градот, што потоа ќе се интегрираат во централниот систем.