Седум починати само во неколку месеци, а десет во изминатите 15 години: има ли државата контрола врз западнонилската треска?
Поразителна статистика на починати и заразени со западнонилска треска бележи државава. Во негативен прилог оди фактот што само во последните неколку месеци имаме седум починати, а во последните 15 години се регистрирани десетина смртни исходи.
Според премиерот Христијан Мицкоски, со негативен тренд на починати и заразени се соочува речиси цела Европа, додека, пак, во однос на навременото преземање мерки за спречување на ширењето на комарците, тој вели дека општините ги презеле сите потребни активност. Од опозицијата, пак, обвинија дека земјава е лидер во Европа по бројот на заразени во однос на бројот на жители. Оттаму обвинуваат дека не се преземени сите потребни активности за спречување на ширењето на комарците во главниот град, а прстот го вперија и кон градоначалникот Ѓорѓиевски.
СДСМ
„Клековски и Мицкоски не менаџираат со кризата – се зголеми бројот на заболени од западнонилска треска: 56 случаи, 7 починати... Во Македонија до 1 септември годинава се регистрирани вкупно 56 случаи на западнонилска треска, има и 7 починати. Македонија е на првото место во Европа по бројот на заболени во однос на бројот на жители, пред земји како Италија, Грција и Романија. Владата на Мицкоски нема капацитет да превенира и да го заштити здравјето на граѓаните, туку реагира дури откако кризата ќе ескалира. Дури ниту против комарци не прскаат навреме, и со тоа задоцни Орце Ѓорѓиевски“, велат од СДСМ.
Инаку, според последните информации, околу 20 пациенти се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Претходно, од Агенцијата за храна и ветеринарство известија дека биле регистрирани и заразени птици, од кои едната била пронајдена во близина на Драмскиот театар во Карпош.

