Седум години од протестот на 17 мај
Протести за подобро утре, против корупцијата, насилството и киминалот. На 17 мај 2015 година, граѓаните испратија порака, дека на тогашната власт, предводена од Никола Груевски, повеќе не и е местото на Илинденска.
Се испраќаа пораки за одговорност и правично судење, но и против корупцијата, за која говореа сите светски организации. Седум години подоцна, државата делумно се ослободи, но под знак прашалник се останатите процеси, поради кои граѓаните излегоа на улица. Државата од „заробена“, стана „хибриден режим“, за која Фридом Хаус и годинава нотира дека останува заглавена во сивата зона.
Следуваа и избори на кои тогашната владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ доби двајца пратеници повеќе од СДСМ, но не беа доволни за да ја задржи власта. После неколкумесечни обиди да ја преземе власта, на крвавиот 27 април, преку изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, се најави и изборот на нова влада предводена од тогашниот прв човек на СДСМ, Зоран Заев, кој денеска преку Фејсбук испрати честитка за годишнината од протестот.
„Нека е честит и вековит Денот на обединувањето за слобода, Денот на граѓанскиот глас, Денот кога народот ја ослободи македонската црвена боја од прангите на едноумието и насилието. Да живее 17 Мај. Да ја чуваме слободата. Да живеат граѓаните.“ - изјави Зоран Заев – Поранешен премиер на РС Македонија.
Следуваше референдум, но и отворање на уставот, со што официјално се промени името на земјата за севкупна употреба - Северна Македонија, која стана членка на НАТО. Иако договорот со Грција се однесуваше за евроатлантските процеси, за Европската Унија се уште чекаме, бидејќи по кренатото вето, добивме ново, овој пат од Бугарија, со која се уште се преговара.
Почнаа и приведувања, распити и поголеми истраги. Но, пресуди останаа малку. Од многуте обвинети, зад решетки завршија одвај неколкумина, а дел од обвинетите, се уште влегуваат и излегуваат од притвор. Иако со пресуди, на слобода се уште е ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, а бизнисменот Орце Камчев, по признавањето на вина за случајот „Империја“, затворската казна ќе ја издржува до охридското езеро, бидејќи во меѓувреме ја променил адресата на живеење. Иако со пресуда, во затвор не влезе ниту експремиерот Груевски, кој наместо зад решетки, управува фирма во Унгарија, каде е во азил веќе четири години.
Се отворија и низа коруптивни скандали кои сериозно ја уриваа довербата на граѓаните. Во притвор завршија двајца генерални секретари на владата, Драги Рашковски и Мухамед Зекири. Наместо да ја донесе правдата, поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева замина во затвор, обвинета дека заедно со Бојан Јовановски и Зоран Милевски земале рекет од бизнисменот Камчев.

