Седница на Уставниот суд без судијката Дуковска
Уставниот суд во моментов останува со осум судии. Останува празно столчето на судијката Елизабета Дуковска и согласно одлуката на Управниот суд кој одлучи дека била незаконски избрана, не се појави на седницата на Уставниот суд.
Првиот човек на Уставен Дарко Костадиновски, повтори дека ова е правен преседан и се надева дека нема долго да се чека за да се комплетира составот затоа што има одлуки кои бараат комплетен состав.
„Пресудата за нас е многу јасна. Ја добивме пресудата и таа е правосилна, бидејќи во самата пресуда нема право на правен лек. Мој личен став од уставен аспект и тоа е проблематично. На некој начин и тоа се оправдува бидејќи одлуката се однесува на Собранието. Поништена е одлука на Собрание, не на судија. Од тој момент, судијата Елизабета Дуковска не е судија на Уставен суд. Поништувачка е, нема правен лек што би го одложил извршувањето.“ - Дарко Костадиновски претседател на Уставен суд.
Уставниот судија, Осман Кадриу вели дека законски, по оваа одлука треба прво да постапи парламентот. Според него две прашања кои произлегуваат од одлуката на Управен суд се спорни.
„Мора прво парламентот да се произнесе за статусот на избраниот судија. Не да ја разреши, туку да констатира престанок, а потоа Судски совет има законска должност и обврска да покрене постапка и да предложи кандидат. За нас како Уставен суд, предизвикуваат сериозни последици и импликација. Две прашање се спорни. Се повикуваат на измените на закон за општо управна постапка од 2019 година за можноста на управното судство да ги укине индивидуалните акти на парламентот. Дали може Управниот суд да поништи одлука за избор на судија на Уставен суд? Доста дискутабилно прашање и спорно. Другото што е проблематично и носи вина управното судство, зарем е можно за избраниот судија Управниот суд да се произнесе со поништувачка одлука после две години. Ова е проблем.“ - Осман Кадриу уставен судија.
Според претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Дафкова самиот процес на избор е спротивен на Уставот.
„Не би смеело одлуките да се проблематизираат, но не може да остане во Уставниот суд личност што е избрана на неуставен, па и ако сакате и на незаконски начин. Каков е тој натпревар ако имате повеќе кандидати, а некој си одлучи дека завршена е битката уште пред правната да почне?“ - Гордана Сиљановска Дафкова претседателка на РСМ.
На потег е Судскиот совет да спроведе постапка и да преложи нов кандидат за судија,
но оттаму засега нема одговор. Од Собранието пак остануваат на ставот дека дописот е испратен до Уставниот суд и до Судскиот совет со кој се информираат за одлуката на Управниот суд за поништување изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска во 2023 година.