Седница на Комитетот за финансиска стабилност: Финансискиот сектор е отпорен на шокови

Народна банка денеска соопшти дека во извештајот за финансиска стабилност за 2022 година се оценува дека домашниот финансиски сектор добро се справил со глобалните предизвици и уште еднаш покажал дека е отпорен на шокови и има капацитет за справување со кризи.

На седницата на Комитетот за финансиска стабилност, одржана на 27 овој месец беше презентиран Извештајот за финансиската стабилност во Република Северна Македонија во 2022 година, а исто така беа разгледани и потребните активности кои треба да се преземат за спроведување на Законот за решавање банки.

На седницата на Комитетот, како што соопшти Народната банка, било нагласено дека финансиската стабилност е успешно одржана и покрај сложените услови на работење на финансискиот систем.

- Вкупните средства на финансискиот систем продолжија да растат и во 2022 година, но со побавни стапки на раст. Вкупниот кредитен раст изнесуваше 9,4 проценти, со што се обезбеди солидна кредитна поддршка и на корпоративниот сектор која забележа раст од 11,5 проценти и на населението со раст за 7.3 проценти. Овие стапки на кредитен раст се значајно повисоки од ЕУ каде тие изнесуваа 4,8 проценти, 6,4 проценти и 3,8 проценти соодветно. Беше констатирано дека и понатаму е ограничена можноста за прелевање на ризиците помеѓу одделните сегменти на системот во услови на задржана едноставна структура на финансискиот систем, мала меѓусебна зависност и отсуство на посложени финансиски инструменти. Резултатите од стрес-тестирањето и посебните оценки и симулации за изложеноста на  ризикот од промена на каматните стапки содржани во Извештајот укажуваат дека домашниот финансиски систем има капацитет за справување со шокови од позначаен интензитет, се вели во соопштението.

Остварувањата на корпоративниот сектор во 2022 година биле солидни, при што речиси сите дејности од корпоративниот сектор ги зголемиле приходите од работењето и ја подобриле профитабилноста.

- Профитабилноста на корпоративниот сектор порасна за 19,8 проценти, по раст од 32,1 проценти во 2021 година. Показателите за конкурентноста исто така укажуваат на подобрена продуктивност на корпоративниот сектор која расте и тоа забрзано втора година по ред. Сепак, ликвидносниот ризик и натаму е клучниот извор на ранливост за домашниот корпоративен сектор и покрај оствареното подобрување на оперативната ефикасност во 2022 година. Финансиските показатели исто така укажуваат и на подобрување на финансиската дисциплина, во услови на забрзување на плаќањето на обврските и побрза наплата на побарувањата на компаниите. Ликвидносните потреби на компаниите во значајна мера беа покриени и со зголемената кредитна поддршка на банките, пришто покрај долгорочните кредити кои вообичаено имаат најголем придонес, во 2022 година, зајакна и краткорочното кредитирање, се наведува во соопштението.

Сепак, како што се вели, било посочено дека неизвесното макроекономско окружување може да биде извор на ранливости за финансискиот сектор и затоа приоритетно е постојаното јакнење на отпорноста на банкарскиот и финансискиот сектор во целина, а во таа насока и макропрудентниот мандат на финансиските регулатори обезбеден со новиот Закон за финансиска стабилност и макропрудентните мерки кои може да се преземат.

На седницата била разгледана и Информацијата за потребните активности во врска со Законот за решавање банки. Kомитетот ги констатирал подготвителните активности што треба да се спроведат од страна на институциите за да законот може да почне да се спроведува во предвидениот рок, односно од октомври 2025 година.