Се зголемуваат предизвиците по менталното здравје со кои се борат младите

Најголемиот страв со кој се соочуваат младите во земјава е осаменоста и стравот од отфрлање, а само половина од нив разговараат со некого кога се чувствуваат тажно или вознемирено, се вели во Националната стратегија за ментално здравје за млади.

Несогласувања со родителите, страв од неуспех, вознемиреност во социјални ситуации, дигитално како и врсничко насилство ја зголемиле тревожноста и депресијата кај младите во земјата.  

Редно време е да се направат конкретни чекори кои ќе им овозможат на младите да се грижат за своето ментално здравје, а училиштата треба да се трансформираат во средини кои се грижат за менталното здравје на децата и ја поттикнуваат нивната благосостојба, вели Филип Ивковски. 

Само еден месец откако е започната школската година, до Министерството за образование и наука веќе се пристигнати шест пријави за врсничко насилство. Младите можат да добијат психолошка помош преку своите училишта каде што работи стручна служба од педагог и психолог, а училиштата во текот на годината треба да спроведат едукација за менталното здравје на децата. Сепак проблемот со врсничко насилство бара поголема меѓуресорска соработка на повеќе министерства, порача министерката за образование Весна Јаневска. 

Голем дел од проблемите поврзани со менталното здравје и благосостојба на учениците, за кои треба да се грижат училишните служби, заглавуваат во бирократија. Јаневска најави нови законски решенија кои ќе ја олеснат работата на педагошки служби во училиштата. Стручните лица и невладините организации апелираат да се работи на развивање на вештини кај младите лица кои ќе ја зголемат нивната способност самостојно да ги препознаваат знаците на проблеми со менталното здравје и да се охрабрат да побараат стручна помош кога тие ќе проценат дека им е потребна.