Се затвора текстилна компанија во Кочани – вработените на протест бараат неисплатени плати и к-15

Стотина работници од кочанската текстилна компанија „Артекс“ останаа без работа. Голем дел од нив денес излегоа на протест пред фабричките простории барајќи одговор, дали компанијата официјално престанува со работа, но и што ќе биде со неисплатените две плати и К-15, кои како што тврдат работниците, фирмата им ги должи.

По неколкудневното ветување дека плата ќе има, денеска на голем дел од вработените од човек, близок на сопственикот на компанијата им беа врачени решенија дека спогодбено напуштаат од работа, меѓутоа револтираните работници истите не ги потпишаа и пред фабричките простории ги искинаа и фрлија. Со солзи во очите загрижено прашуваат, што понатаму?

ТВ 24 се обиде да стапи во контакт и со одговорните во компанијата, но нашите обиди останаа безуспешни. Инаку, во текот на изминатата година, само во источниот регион клуч на врата ставија над 10 текстилни фабрики, главно во Штип, Кочани и Делчево. Поголемиот дел од работниците останаа без работа, а  некои и без заостанатите плати. Оваа ситуација на терен всушност ја одразува реалната и алармантна состојба во текстилниот сектор.