Се вклучија безбедносните камери и во Охрид, Струга, Кичево и Дебар – под надзор и туристичките локации
Охрид и целиот југозападен регион од денеска се под целосен сообраќаен видео-надзор, откако официјално стартуваше со работа системот „Безбеден град“. Сообраќајниот хаос, дивото паркирање и ризичното возење одат во историјата бидејќи секое невнимание или спречување на нормалниот проток на сообраќајот скапо ќе ги чини возачите. Најсовремените камери автоматски ги детектираат сите прекршоци — брзо возење, минување на црвено светло, истечена регистрација, користење мобилен телефон и непрописно престигнување. Прекршочните налози веднаш ќе пристигнуваат со СМС-известување директно на телефон на сопствениците на возилата, како и на нивната домашна адреса.Како најголем туристички центар во земјава, Охрид за време на летната сезона се соочува со огромен прилив на возила на дневно ниво, што редовно создава сообраќајни застои на клучните точки. Од полицијата истакнуваат дека главната цел на системот не е репресијата, туку превенцијата и подигнувањето на сообраќајната култура, при што се очекува намалување на прекршоците за повеќе од 40 проценти.
Новите камери автоматски ќе ги детектираат и санкционираат сите што го кочат протокот на булеварот "Туристичка " каде е најфреквентно особено во летна сезона.Се очекува видео-надзорот драстично да го намали престројувањето во последен момент, сечењето ленти и непочитувањето на предноста за влегување во кружните текови.
Граѓаните се со поделени мислења, но генерално го поздравуваат воведувањето на Сејф сити, истакнувајќи дека одамна било време да се воведе ред и да се овозможи побезбедно движење.
Освен во градското јадро, од огромна важност се и камерите поставени на патниот правец Охрид – Свети Наум. На овој потег се создаваат километарски колони. Автоматскиот надзор ќе го спречи ризичното и непрописно престигнување преку полна линија, кое според статистиката е причина за над 30% од тешките сообраќајни несреќи на оваа делница.
Во делот на странските туристи пак кои ќе направат прекршок, системот е директно поврзан со граничните премини, па регистрираните казни за странските возила ќе се наплаќаат при нивниот излез од земјата, односно на самата граница, а кај изнајмените рент-а-кар возила преку компаниите за изнајмување.
Инаку освен во Охрид, од денеска камерите официјално се вклучија и во Струга, Кичево, Дебар и Вевчани. Според бројките оваа технологија дава резултати и на автопатот Кичево – Охрид, каде што камерите беа ставени во функција уште летоска. Според официјалната статистика, откако снимаат камерите на овој автопат, сообраќајните несреќи се намалени за над 35 проценти, а прекршоците за брзо возење се речиси преполовени. Властите се надеваат дека истиот позитивен ефект и подобрена проточност за кратко време ќе се почувствуваат и на сите охридски улици.

