Се разгорува битката за спас или за пропаст на Фени
Еден грчки бизнисмен, една домашна компанија или некој трет. Кој ќе го купи кавадаречки Еуроникел на лицитацијата, која е закажана за идниот понеделник.
Поранешниот извршен директор на овој металургиски комбинат и доскорешен главен добавувач на руда за Еуроникел, грчкиот бизнисмен Константинос Даскалакис се споменуваше како најсериозен играч во битката за имотот на поранешно ФЕНИ. Пред два месеци, од Еуроникел соопштија дека причината за сопирањето на производството е тоа што нивниот главен добавувач на руда, фирма во сопственост на Даскалакис ненајавено им ги откажала услугите.
Според вработените, тоа било сигнал дека Даскалакис сака да ја добие фабриката. Но, последните денови во игра влегува уште едно име - голема македонска компанија, која чека шанса од втор план да го купи поранешно ФЕНИ.
Извори за ТВ 24 тврдат дека оваа компанија нема намера да го спаси гигантот, туку би чекала пропаѓање на првата лицитација, по која цената на имотот ќе се преполови. Токму таквата цена е исплатлива ако имотот се исече и се продаде како старо железо, тврдат нашите извори. Ова коинцидира со отвореното писмо на вработените испратено до премиерот и вицепремиерот, првиот даночник и градоначалникот на Кавадарци, во кое велат дека нема да дозволат фабриката по 40 години да згасне како старо железо.
- Бараме да се исплати ДДВ-то што и се должи на фирмата и што сте должни по закон да го исплатите, за да може вработените да земат плата, да добијат здраствено осигурување. Покажете доблест и грижа за нас, вашите граѓани. Ние сме ваша одговорност како граѓани, не разбираме која е целта и намерата за намерно држење на средства кои за нас се единствен извор на егзистенција. Со години го полневме државниот буџет, не заслужуваме ваков однос. Не бидете слепи, глуви и неми на нашите барања.
Телевизија 24 вчера ексклузивно објави дека домашна банка кај која овој металургиски гигант го заложил имотот на име кредит, ја активира хипотеката и ја продава фабриката со почетна цена од речиси 38 милиони евра. Истата банка го имаше главниот збор и пред пет години, кога преку стечајна постапка, се согласи со Планот за реорганизација и и ја продаде фабриката на бахамската компанија Џи Сол.
Првиот човек на оваа компанија Маркос Камхис во интервју за ТВ 24 тогаш тврдеше дека од кавадаречката фабрика сака да направи еден од најзначајните произведувачи на фероникел во светот. По само пет години, поранешно ФЕНИ е повторно на крстопат.