Се разгледуваат нови услови за пензионирање
Foto

Се разгледуваат нови услови за пензионирање

Изминатиот период во јавноста се отвори прашањето за условите за пензионирање, при што беше најавено дека во пензија нема да може да се оди подоцна од 62 години за жени, односно 64 за мажи, со исклучоци за дефицитарни кадри, но и оти е можно предвремено одење во пензија, најмногу до пет години од редовниот термин за пензионирање со докуп на стаж и помала пензија.

Сојузот на синдикатите на Македонија бара освен сега постојното решение со главен услов возраст и  најмалку 15 години стаж, предвид да се земе можноста да се оди во пензија согласно години на стаж, особено во трудоинтензивните дејности. Прашањето за тоа дали и како ќе бидат променети условите за пензионирање ја отвори и дилемата колку нови пензионери би добила државата и дали тоа нема дополнително да го оптовари Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој за редовни исплати на пензии поради недостиг на сопствени средства постојано се субвенционира од Буџетот на државата. На ова прашање се уште нема конкретен одговор.

Согласно постојното решение старосна пензија едно лице може да оствари пензија со возраст од 64 години за мажи, 62 години за жени и минимум 15 години пензиски стаж. Во случај на инвалидност, правото на пензија може да се стекне пред навршување 64 години старост за мажи и 62 години за жени и минимум 15 години стаж. Исклучок од ова се лицата кои работат на места кои имаат бенифициран стаж.

Во случај на смрт на осигуреникот, правото на пензија може да се стекне за минимум 5 години осигурување или за најмалку 10 години пензиски стаж. Пензискиот надоместок од доброволната пензиска шема не може да се повлече порано од 10 години пред достигнување на законската возраст за пензионирање за задолжителниот систем (54 години старост за мажи, 52 години старост за жени), со исклучок на инвалидност или смрт.

ССМ бара повеќе услови за пензионирање, Владата допрва ќе одлучува

ССМ предлага воведување повеќе услови за пензионирање, но дополнително ќе се разгледува кои од условите ќе бидат земени предвид, за што веќе имаа средба со премиерот Зоран Заев и економскиот тим од Владата. Синдикатот смета дека не може работници од различни дејности, кои имаат различна тежина на работа, да одат под исти услови во пензија.

Барањата на ССМ се старосна пензија, односно 35 години работен стаж за жените, 40 години работен стаж за мажите, без оглед на возраста. Старосна пензија да се добива по возраст или работен стаж во зависност од дејноста. Доколку се утврдат различни услови за пензионирање, условите ќе бидат избор на работниците, а не задолжителни, односно работникот ќе одлучи под кои услови ќе сака да се пензионира, сметаат од ССМ.

Синдикатот предлага да се воведе и предвремена старосна пензија, што работниците ќе можат да ја остварат на возраст од 60 години, со минимум работен стаж од 15 години. Работниците вклучени во оваа група ќе бидат лица кои работат, но поради здравствени причини не можат да продолжат со работа, а не можат да се прогласат за инвалиди, поради стечај или ликвидација или се невработени лица кои го исполнуваат условот од минимум 15 години работен стаж.

ССМ бара од Владата да им се овозможи на работниците сами да го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување доколку го немаат исполнето условот минимум 15 години работен стаж, односно работници на кои им недостигаат до три години работен стаж од минимални 15 години.

Синдикатот бара и воведување на бенефициран стаж за градежните работници и работници од други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови што влијаат штетно врз животот и здравјето на работниците.

0 Коментари

Остави коментари