Се прават проценки колку од реагенсите се уништени

Огромна хаварија била спречена во Институтот за јавно здравје во одделот за бактериологија вчера откако било откриено дека фрижидерот каде што се чуваат реагенси за бројни микробиолошки испитувања биле исклучени од струја. 

Директорката на Институтот, која неодамна стапи на функција се сомнева на саботажа.  Андоновска вели дека доколку не интервенирале навреме институтот ќе се соочел не само со финансиска штета туку ќе се предизвикало и општа опасност за животот и здравјето на граѓаните.

Она што е симптоматично според неа е што спуштени биле само оние осигурувачи поврзани токму со фрижидерот каде што биле чувани реагенсите.

„Овие две разводни табли каде што практично беше исклучен осигурувачот се разводни табли каде што има стотина осигурувачи, а беа спуштени само оние кои се поврзани со фрижидерот. Дали е случајно или намерно јас не можам да знам, само констатирам и ја информирам јавноста. Ние уште во текот на вчерашниот ден го пријавивме случајот и се надеваме дека ќе констатираат дали е диверзија направена или е случајност, а ние во текот на денешниот ден ги проверуваме сите овие реагенси дали се оштетени или не се.“ - Марија Андоновска директорка на Институт за јавно здравје.

Дали станува збор за саботажа или пак случајност веќе испитува и јавното обвинителство. Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, но и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, итно е оформен предмет и веќе се преземаат мерки. 

„Дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена.“ - вели ЈОРСМ.

За случајот е известена и полицијата.

- Вчера околу 17 часот во СВР Скопје од Институт за јавно здравје било пријавено дека во временскиот период од 14.30 до 16.00 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенси за испитување на заразни и незаразни болести. - велат од МВР.

Директорката Андоновска вели дека во моментов се прават проценки дали и колку од реагенсите се уништени и неупотребливи за во лабораторија. Андоновска претходно изјави дека затекнала недостиг од реагенси за голема кашлица во услови кога се уште во дел од државата е прогласена епидемија и обвини дека претходното раководство го оставило Институтот без доволно реагенси. Во моментов како што информираше, се чекаат донации за испитувања за присуство на голема кашлица.