Се полни јавната администрација, нови 2500 вработувања во последниве 5 години

2.500 нови вработени во јавниот сектор, отворени 55 нови институции под државна капа и над 110 милиони евра поголем трошок за плати на административците.

Ова е епилогот од реформата и кратењето на гломазниот државен апарат, која со децении е заложба на секоја влада до сега, но само пред избори. Анализата на Телевизија 24 покажува дека се останува на ветувања и стратегии на хартија - додека администрацијата како моќна гласачка машинерија само се полни.

Бројките од Регистарот на вработени во јавниот сектор покажуваат дека во 2016 година, од кога за прв пат јавниот сектор почна да се брои - таму работеле 129.653 лица. Последниот извештај пак за 2021 година покажува дека во јавниот сектор плата од буџетот земаат 132.088 лица.

Но бројките според експертите се далеку поголеми од овие, бидејќи во јавниот сектор не влегуваат и многу други кои земаат плата од буџет. Според нив во моментов вкупно на државен трошок работат околу 200.000 лица. Тука се и вработенте во државнните управи, во државни и јавни претпријатија кои се финансираат од буџетот, но и околу 30.000 лица ангажирани со договори на дело.

Она што пак е уште попоразително, е дека бројките говорат дека паднале во вода и ветувањата за кастрење на институции кои се дуплираат во надлежностите. Па така -според регистарот- за пет години се отвориле дури 55 нови. Ако во 2016 година сме имале 1.291 инстутција само во јавниот сектор, лани нивниот број достигнал 1.332.

Како растел државниот апарат во последните пет години- така растел и трошокот за исплата на плати на буџетарите. Па така ако во 2017 година за плати на администрацијата сме плаќале 427 милиони евра, годинава со ребалансот на буџетот ќе треба да исплатиме 540 милиони евра. Бројките покажуваат дека само во кризните години, од почетокот на пандемијата, трошокот за исплата на плати за буџетарите е зголемен за 60-тина милиони евра.

И додека јавниот сектор во земјава одржува генерален штрајк за повисоки плати, а граѓаните имаат низа поплаки дека тој е нефункционален - експертите се децидни ,дека сите влади до сега се виновни - што немале политичка волја за реформа и кратење на администрацијата, но и за јак и продуктивен државен апарат. А токму пак продуктивноста на администрацијата, до сега никој и не ја измерил.

 

Табела 1: Број на вработени во јавниот сектор, по години

2016 година 1.291 институција 129.653 вработени

2017 година 1.299 институции 128.722 вработени

2018 година 1.314 институции 132.068 вработени

2019 година 1.342 институции 132.900 вработени

2020 година 1.332 институции 131.183 вработени

2021 година 1.346 институции 132.088 вработени

 

Извор: Министерство за информатичко општество и администрација

 

Колку пари се трошат за плати на администрацијата по години

2017 година 427 милиони евра

2018 година 429 милиони евра

2019 година 451 милиони евра

2020 година 484 милиони евра

2021 година 514 милиони евра

2022 година 540 милиони евра

Извор: Буџет на РСМ