Се подготвуваат контурите на новата влада
Следната недела најверојатно понеделник или вторник група пратеници од парламентарното мнозинство ќе поднесат иницијатива за свикување на седница и измени на Законот за органите на државната управа за да може да се формираат нови, но и да се направи трансформација на постоечките министерства брифираат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за ТВ 24.
И собранискиот спикер Африм Гаши изминативе неколку дена посочи дека до крајот на идната недела треба да биде свикана седницата на која ќе се најдат и други системски важни закони како и оној со кој би се избегнале локалните избори во општините кои на овие парламентарни избори останаа без градоначалници.
За измени на овие системски закони потребно е две третини од парламентарното мнозинство во собранието за да можат да бидат изгласани.
Градоначалниците на Гостивар, Арбен Таравари и на Аеродром, Тимчо Муцунски се меѓу оние кои најверојатно ќе направат трансфер од локалната во извршната власт. Градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети стана пратеник од редовите на коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ.
Оваа седница мора да биде свикана пред онаа за формирањето на идниот владин состав бидејќи се потребни овие законски измени. И додека финишираат преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ откако веќе завршија оние со ВЛЕН нови детали ниту денеска не се откриваат.
Во меѓувреме и денеска реакција од Алијанса на Села од каде велат:
- Се случува за прв пат Албанците да водат само 4 министерства / ресори во најавената влада од ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН и тоа 4 од 16 министерства . Уште полошо ќе направат законски измени за да бидат 4 од 19 што ќе биде политичко институционално егзекутирање на Албанците на Р.С.М .
Од Европскиот фронт пак денеска и најавија дека утре претставнички структурите на партиите кои се во коалиција ќе одржат и заеднички состанок во Тетово.

