СЕ ПОДГОТВУВА НОВ ЗАКОН ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА
Општините од истокот немаат прецизна статистика колку објекти ќе се легализираат со новиот Закон за легализација на дивоградби. Не откриваат ниту детали за тоа што ќе содржи, сепак тврдат, донесувањето на Законот е неопходно. Помалите општини се уште се затрупани со предмети од претходниот закон, а имаат и проблеми со донесувањето на Урбанистичките планови. Поголемите, велат дека тапија освен приватни објекти ќе добијат училишта и згради во општинска или државна сопственост кои поради нерешена документација се уште се водат како дивоградби.
Она што е важно за градоначалниците е што легализацијата нема да биде едно евро за квадрат, и ќе се плаќаат 100 проценти комуналии плус 50% казна, а градоначалниците од Министерството за транспорт и врски побарале прецизно одредување на времето во кое еден објект е изграден и строго дефинирање на зоните забранети за градба.
Без многу детали за Законот се уште се и од Транспорт и врски, велат се ќе се знае откако предлог Законот за две недели ќе помине на владина седница. Сепак при својата последна посета на Штип министерот Сугарески рече дека законот нема да важи за дивоградбите во Охрид што влијаат на статусот за УНЕСКО. Од давачки ќе се ослободуваат корисниците на парична помош, како и верските објекти, а со новиот Закон е предвидена и легализација на целокупната подземна мрежа.