Се одржа традиционалната парада на „Мејсис“ во Њујорк за Денот на благодарноста
Foto

Се одржа традиционалната парада на „Мејсис“ во Њујорк за Денот на благодарноста

На улиците на Њујорк синоќа заврши парадата организирана од „Мејсис“ за Денот на благодарноста. Парадата беше пренесувана во живо на телевизија.

„Мејсис“ е еден од најголемите и најстари ланци на стоковни куќи за широка потрошувачка во САД.

Градоначалникот на Њујорк, Бил Де Бласио, беше поздравен со аплаузи од народот кога објави полетување на големите црвени балони, кои за малку не беа однесени од силнот ветар. Пуштањето на балоните го одбележа почетокот на парадата, и тие треба да полетаат високо. Но овојпат тоа не се случи поради ветерот.

Ова беше 93-та по ред парада по повод Денот на благодарноста. Инаку, се верува дека Мејсис е првиот малопродажен центар кој што почнал да рекламира шопинг за време на нивната прва парада за Денот на благодарноста во Њујорк во 1924 година.

Во парадата синоќа зедоа учество околу осум илјади луѓе, над дваесет платформи со акробати, танцувачи и луѓе во маски и многу марширачки ансамбли, а во кулминацијата се појави и Дедо Мраз. Една од главните атракции беше стрип-карактерот Снупи во костум на космонаут.

Настапија музичарите Селин Дион, Сиара, Кели Роуленд и Идина Мензе.

Денот на благодарноста за Американците главно е празник со кој официјално започнува сезоната на предбожиќните купувања. Денот после празникот, нашироко познатиот „црн петок“, е кога луѓето излегуваат масовно по големите супермаркети како Мејсис, Волмарт, Таргет, или Бест бај, и купуваат по намалени цени.

 

Овој начин на малопродажба со масовна потрошувачка поради намалени цени станал особено популарен во 1930-те години.

0 Коментари

Остави коментари