Се очекува разврска, по приведувањето на петмина во врска со случајот на исчезнатото девојче
„Се работи интензивно, јавноста ќе биде информирана за се“ ова е ставот на МВР по вчерашното приведување на петте лица кои се поврзуваат со исчезнувањето на тинејџерката Вања Ѓорчевска.
Во телефонски разговор, од МВР посочуваат дека заради истрагата која се води не можат да споделат други информации освен тоа дека се работи на случајот.
„СВР Скопје интензивно работи на расчистување на случајот. По расчистувањето, соодветно ќе ја информираме јавноста.“ - велат од МВР
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера рече дека истрагата се интензивира. Освен приведените петмина, запленето е и едно возило.
„Синоќа до доцните часови се работеше интензивно. Морам да кажам дека имаме приведено пет лица и обезбедено едно возило, со што се продолжува понатаму со активностите. Тоа е нешто плус што го презедовме во однос на сето она како доказ, како трага што го обезбедуваме, се со цел да дојдеме до расчистување на овој случај“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Предвременото соопштување детали прави проблеми за истрагата, истакна Спасовски. Во однос на мерките што се преземаат, Спасовски нагласи дека потрагата по исчезнатото девојче е најважниот приоритет за Секторот за внатрешни работи Скопје.
Се појавија и многу шпекулации, МВР ги демантираше. По 14-одишната Вања се трага цела недела, а во потрагата е вклучен и Интерпол.