Се нормализира водоснабдувањето во Штип

Состојбата со водоснабдувањето во Штип постепено се нормализира. Поголемиот дел од населбите повторно имаат вода за пиење, додека жителите во повисоките делови на градот сè уште се соочуваат со проблеми поради намалениот притисок. Прекинот во снабдувањето настана вчера, откако поради зголемена матност на водата што пристигнува преку цевководот од ХС „Злетовица“ беше исклучена филтер-станицата во Штип.

Александар Арсовски, Директор на ЈП „Исар“ – Штип

Арсовски и вчера објасни дека до зголемената матност дошло поради невремето во Пробиштипскиот Регион, по што било неопходно привремено исклучување на филтер-станицата. Но, откако Штип се спаси од дефектот, сега Свети Николе се бори за секоја капка. Апел за рационално користење на водата во Свети Николе упати денеска градоначалникот Дејан Владев.

 ДЕЈАН ВЛАДЕВ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА О. СВЕТИ НИКОЛЕ

– Поради екстремно зголемената матност предизвикана од невремето во источна Македонија, моментално не сме во можност да ја преработуваме водата од ХС Злетовица. Мрежата ја дренираме до промена на квалитетот на вода до вода за преработка. Сѐ уште имаме резерви за водоснабдување, но ве замолуваме за рационално користење, со цел прекинот што го очекуваме во водоснабдувањето да трае што е можно помалку часа.

Инаку, Штип вчера беше без вода за пиење од 14 часот, па се до утринските часови. Филтер станицата се исклучи од цевководот на хидросистемот „Злетовица“ поради големата заматеност на водата која пристигнува од браната Кнежево. Откако матноста се намалила, филтер-станицата повторно била ставена во функција, а водата продолжила да се преработува и дистрибуира во штипскиот водоводен систем.