Се намалува бројот на основци и средношколци во земјава

Училиштата во државата се празнат. Бројот на основци се намалил за 0,6 проценти, а на средношколци за 2,5 отсто во однос на претходната учебна година, стои во анализата на Државниот завод за статистика.

Во општина Штип уписот на првачиња за наредната учебна година во петте основни училишта, стартува со нов правилник и се прави нова реонизација.

Откако Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека во две училишта во Штип и Битола се врши сегрегација, сега општина Штип повторно прави обиди да не се формираат чисти ромски паралелки во ООУ„Гоце Делчев”, со што децата од ромската заедница според адресата на живеење нема да се запишуваат само во ова училиште, туку и во останатите кон кои гравитираат. 

Според податоците од МВР, во штипското основно училиште “Гоце Делчев” треба да се запишат околу 100 првоодделенци, но во пракса состојбата е многу поразлична.

Инаку, до крајот на мај ќе трае електронското запишување ученици во прво одделение во учебната 2023/2024 година, а условите за запишување прваче се да има наполнето шест години до крајот на календарската година, да биде доставена потврда за примените задолжителни вакцини за детето, како и потврди за офталмолошки и стоматолошки прегледи издадени од надлежни установи.