Се намалува бројот на нови случаи со Ковид-19
Foto

Се намалува бројот на нови случаи со Ковид-19

Последниве денови полека се намалува бројката на новодијагностицирани случаи позитивни на коронавирус, но и бројот на лица кои се на болнично лекување. Се регистрираат и голем број оздравени лица, често пати повеќе од бројката на новозаразени. Но, сепак, и покрај ваквата тенденција на благо смирување на пандемијата, речиси секојдневно се регистрираат по дваесеттина починати. Надлежните постојано апелираат на почитување на заштитните мерки и препораки, особено во пресрет на претстојните новогодишни и божикни праници. Се интензивираат апелите за совесно прославување, без големи групирања и загрозување на јавното здравје.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера изјави дека МВР има посебен оперативен план како ќе постапува за време на празниците, а тоа значи дека секаде и во секој момент ќе има полициски службеници кои ќе вршат контрола дали обврските се почитуваат и дали некој придонесува за нарушување на состојбата со ширење на вирусот. Тој рече дека полицијата ќе постапува по пријава или по сознание, кое го добила.

– Ако се утврди дека навистина се случува организиран настан, се известува Јавниот обвинител и постапуваме врз основа на законот, појасни Спасовски.

Одговорно и посветено, рече тој, ќе постапуваме и за новогодишната ноќ и апелираше уште еднаш до граѓаните да прославуваат одговорно, зошто, како што потенцира, сите заедно треба да придонесеме да спречиме ширење на вирусот.

– Секој кој нема да ги почитува мерките, без разлика дали се работи за сопственик на вила за издавање или е граѓанин, кој учествува во такви настани, ќе бидат поднесени кривични пријави со кривична одговорност, бидејќи го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните, подвлече Спасовски.

Министерот за внатрешни работи информира дека полицијата деновиве растурила неколку забави.

– Во саботата се случи растурање на забава во Волково, при што беа приведени 29 лица. Ист таков настан имаше во Куманово, каде што беше растурена семејна веселба. Така што, одговорно и посветено ќе постапуваме и за новогодишната ноќ. Апелирам уште еднаш до граѓаните да прославуваат одговорно. Сите заедно треба да придонесеме да спречиме ширење на вирусот, потенцира Спасовски.

Министерството за здравство вчера информира дека во последните 24 часа се направени 1253 тестирања, а регистрирани се 296 нови случаи на инфицирани со коронавирусот. Починати се 18 лица, а оздравени 511 пациенти.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во болниците низ земјава е 1036, од кои во Скопје се 426.

Во ковид-центите има околу 320 празни болнички кревети

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 81721, бројката на оздравени пациенти е 59231, на починати е 2445, а бројот на активни случаи изнесува 20045.

0 Коментари

Остави коментари