Се крчка новата цена на струјата - надлежните уберуваат струен ценовен шок нема да има

Поскапување на струјата е се поизвесно, откако вчера и премиерот Мицкоски го најави тоа. Непознато е само за колку ќе скокне цената. Доброупатени извори за ТВ 24 тврдат дека струјата ќе поскапи за околу 5 проценти, колку што со одлука на Владата минатата недела државните електрани ЕСМ ја поскапеа на ЕВН Хоум количината наменета за домаќинствата.

„Регулаторот на крајот од ова година ќе донесе одлука за тоа дали ќе има и ако има колку би било, иако не очекувам некои големи отстапувања од оваа цена. Дали ќе биде 0, 1, 2, 3 проценти или некој процент повеќе или помалку, тоа ќе одлучи Регулаторот.“

Во петок Регулаторна ќе ја соопшти новата цена за пренос и дистрибуција. Од таму најавуваат дека таа ќе остане иста или можно е мало намалување, но бидејќи овој сегмент учествува со мал процент во финалната цена, се поизвесно е дека електричната енергија за домаќинствата ќе поскапи меѓу 4 и 5 проценти. Сепак, конечната цена ќе се знае до крајот на годината, кога – согласно новиот Закон за енергетика – пресметките ќе ги направи универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, а РКЕ ќе ги потврди.

Но додека се чека конечната цена на струјата, финансискиот притисок врз државните електрани продолжува. ЕСМ повторно се задолжува. Подигнат е нов кредит од речиси 60 милиони евра од три домашни банки, со две години грејс период и рок од 10 години и каматна стапка од 1, 7 отсто. Парите ќе се користат за ликвидност и зелени проекти. Но, ова е веќе трет заем за нешто повеќе од една година, со што вкупното задолжување достигна 170 милиони евра. Новата Влада го напушти концептот на директно вбризгување буџетски пари во ЕСМ. НАместо тоа, Владата се јавува како гарант за земените кредити, со кои струјата за граѓаните и понатаму ќе биде поевтинам од берзантската.

Премиерот Мицкоски уверува дека состојбата на компанијата ќе се подобрува со зголемено домашно производство и подобра искористеност на хидроелектраните и додава дека Владата и понатаму ќе ја субвенционира струјата за граѓаните, за да нема ценовен шок.