Се исцртуваат контурите кој доаѓа, а кој не доаѓа на ОБСЕ - министерскиот совет во Скопје
Украина и Балтичките земји го бојкотираат министерскиот состанок на ОБСЕ. По само неколку часа откако Бугарија даде зелено светло за прелет на авионот на Лавров, официјален Киев излезе со став дека шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба нема да дојде во Скопје . Русија го уништува ОБСЕ, стои на официјалната страница на украинското МНР.
- Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја претвори организацијата во заложништво на нејзините каприци и агресија. Во такви услови, присуството на руската делегација на министерскиот состанок на министерско ниво за првпат од почетокот на целосната инвазија на Русија во Украина само ќе ја влоши кризата во која Русија ја воведе ОБСЕ. - велат од МНР Украина.
На социјалната мрежа Х (Твитер) украинското МНР објави и видео во кое Киев се заблагодарува на Македонија за спротивставувањето на руската агресија врз Украина, но одлуката за неприсуство на состанокот, останува.
А бојкот на министерскиот состанок на ОБСЕ, денеска пристигна и од Естонија, Литванија и Латвија. Во заедничка изјава порачаа дека присуството на Лавров на состанокот би значело и уште една можност за руска пропаганда. Естонското МНР објави и став на министерот Цакна, во кое вели, дека, Лавров треба да е пред специјален трибунал наместо на масата на ОБСЕ.
Заедничка изјава на министрите за надворешни работи на Естонија, Латвија и Литванија - Присуството на Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ, ризикува легитимирање на агресорот Русија како законски член на нашата заедница на слободни нации, тривијализирање на свирепите злосторства што Русија ги прави и поднесување на руското грубо кршење и непочитување на основните принципи и обврски на ОБСЕ. Ние, министрите на Естонија, Латвија и Литванија, нема да бидеме дел од ова и нема да ја делиме одговорноста за последиците што ќе ги создаде.
Русија и Белорусија ја блокираа кандидатурата на Естонија за земја претседавач за 2024, а во последен момент, џокерот во џебот на Османи, Малта, помина со консензус на двете работни тела во Виена. Одлуката Малта да биде следниот претседавач со организацијата, треба да биде потврдена на состанокот на министерскот ниво во Скопје.
Во меѓувреме неизвесно е што ќе се случува и со 4те лидерски функции на ОБСЕ, генералниот секретар, шефот на ОДИХР и претставниците за малцинства и медиуми, чиј мандат истекува на 4 декември.
За доаѓањето на Лавров, пак, се уште нема информација кога ќе пристигне и дали ќе присуствува на неформалната вечера на министрите. Американскиот државен секретар Блинкен доаѓа утре, а учеството на ОБСЕ ќе го стартува со билатерална средба со Османи, која ќе се оддржи во просториите на министерството. Средба меѓу Лавров и Блинкен не е планирана.