Се бара притвор за поранешните сопственици на крави во кривопаланечко, кои спречија инспектори да одземат добиток

Се бара притвор за таткото и неговите две ќерки, кои вчера насила и со закани спречија инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство - со правосилно и извршно решение да одземат крупен добиток. 

Јавното обвинилство против нив веќе поведе кривична постапка. Притворот како што велат од обвинителството е мерка која ќе ја спречи опасноста од бегство, но и повторување на делото.

 

- Од нивното однесување произлегува дека и покрај сите досега преземени активности од голем број надлежни државни органи, осомничените сепак подолг временски период го малтретираат месното население и соседите, а сега започнуваат дејствија на спречување и спрема вработени во надлежни државни органи и инспекциски служби од Агенција на храна и ветеринарство, како и на униформирани полициски службеници.

Вчерашниот е само еден од серијата инциденти при одземањето на добитокот од поранешниот сопственик и неговите ќерки.

Пред 3 години лицето се гонеле за кривично дело предизвикување опасност за луѓето од добитокот, но обвинителот одлучил пријавениот да не го гони туку да плати парична казна. Обвинителот дополнително утврдил дека немало елементи за кривично дело мачење животни - туку станува збор за обичен прекршок.

Но, за разлика од обвинителството - Агенцијата за храна и ветеринарство констатирала дека животните не се заштитени, страдаат и немаат соодветни услови. Поради ваквите недостатоци агенцијата одлучи да ги одземе кравите, но засега само на хартија. Проценките се дека има речиси 800 грла добиток со кои поранешниот сопственик во праска се уште стопанисува. Досега со помош на мештаните се одземени само дваесетина грла добиток

Славчо Велиновски од кривопаланечка Добровница, вели дека од добитокот уништени му се над 30 хектари земјоделска површина засадена претежно со зелка. Агенцијата итно и неодложно сама треба да се справи со проблемот оти животните се веќе нивна сопственост. 

 

Проблемот со добитокот во кривопаланачко кој се движи без контрола низ селата и градот трае повеќе од една деценија. Кравите како што тврдат мештаните не се чуваат во штали. Добитокот е под отворено небо, а се храни од нивните ниви, правејќи огромни штети уништувајќи на годишно ново стотина хектари површини засадени со разновидни посеви.